Досега вакцинирани 25 илјади граѓани, вакцинирани и дел од медиумските работници

НАЈНОВИ ВЕСТИ

По големиот број вакцинирани граѓани кои спаѓаат во критичната група и имаат најголем ризик од инфекција, почна вакцинацијата и на дел од медиумските работници. Станува збор за околу 600 новинари од критичната група над 40 години кои од самиот почеток на пандемијата се во близок контакт со вирусот.

„Она што е особено значајно е дека сите овие медиумски работници практично беа во допир, близок контакт со вирусот, но имаа и многу контакти со многу луѓе и мислам дека овој тип на заштита е значаен затоа што ќе биде заштита не само за личното здравје туку ќе биде и заштита и за останатите луѓе кои имаат постојани контакти новинарите“, изјави Младен Чадиковски, претседател на ЗНМ.

Вакцинацијата на граѓаните кои спаѓаат во критичната група и имаат најголем ризик од инфекција, завршува утре, а според Министерот за здравство, се вакцинирани сите кои изразиле интерес. Тука спаѓаат здравствените работници, припадниците на МВР, армијата и наставничките од прво до трето одделение, вработени во Министерството за труд и социјална политика – негувателки и воспитувачки.

„Останатиот дел од 20.000 вакцини Спутник В ќе бидат распределени по возрасни групи онака, како што сега се одвива вакцинацијата од почеток со вакцината на Астра Зенека по вакицналните пунктови. Апелирам до сите да се пријават на сајтот за вакцинација vakcinacija.mk за податоците влезат во системот “Мој Термин” и на тој начин бидат регрутирани. Истовремено и матичните лекари имаат обврска да ги анкетираат своите прикрепени пациенти, посебно оние постарите кои треба да го изразат интересот за вакцинација“, посочи Венко Филипче, Министер за здравство.

Филипче потенцира дека на главниот координативен Кризен штаб се донесе одлука да се направи измена во Законот за здравствена заштита со која на приватните болници ќе се ограничи висината на наплата на финансиски средства за времетраење на кризата или вонредна состојба а што се однесува конкретно за лекување на ковид пациенти. Воедно Министерот информира дека денеска на аеродромот во Софија пристигнуваат уште 2.000 кинески вакцини, како донација од Емиратите. За време на викендот според него, имало намалување на бројот на новопримени пациенти, а натамошните мерки и болничката организација ќе зависат од утрешните бројки на заразени.