„Моќниците“ во Кичево не прашуваат за законот. Градежните дозволи предвидуваат згради со четири или пет ката, но инвеститорите додаваат уште три дополнителни ката. Градоначалникот на Кичево Фатмир Дехари вели дека ваквата состојба е последица на законот за легализација на објекти или поточно неговото продолжување без критериуми.
„Главната причина беше законот за легализација на објекти без дозвола, не носењето на првиот закон. Продолжувањето на тој закон без никаков критериум што е продолжено и неколку пати го кажав и го повторувам во овој случај мотивираше дел од оние кои повторно го поврзувам со совеста, да продолжат да го злоупотребуваат со образложение дека закон ќе биде донесен за купувачите и ќе има легализација“, вели Фатмир Дехари.
Според информации на ТВ21 на територијата на општина Кичево има над 80 објекти кои не ги почитувале градежните дозволи, узурпирале имот или воопшто не поседувале дозвола за градба.
„Зборувате за целата територија, со точни информации дали се 70 или 80 повеќе или помалку, ние ги немаме, но врз основа на доказите што се депонирани во Инспекторатот јасно се гледа дека имаме злоупотреби на законот за градење. Да кажам дека граѓаните пријавуваат и во други надлежни органи, во овој случај во полиција“, вели Фатмир Дехари.
Ова им создава и проблем на граѓаните кои купуваат станови, бидејќи не можат да добијат имотен лист.
„Не знам каква придобивка гледаат од додавање на уште три ката на зградата. Прво, тоа е голем ризик од аспект на стабилноста на зградата, а јас не сакам да глумам статичар. И второ, како што кажав, патот е предвиден врз основа на деталниот план за одреден број жители на кои им е одобрена дозвола. Го оштетувате патот, депонирањето на сметот, го зголемувате отпадот, количината на вода што е предвидена“, вели Фатмир Дехари.
Во Кичево има само една градежна инспекторка, но и таа откако ќе излезе на терен и ќе издаде решение за стопирање на градежните активности, „моќниците“ ја игнорираат и продолжуваат со работа.