Во полошкиот регион, но и во други делови низ Македонија, жените во повеќето случаи се викаат по името на мажот. На пример ако мажот се вика Драган, неговата жена е позната како Драганица. Од Форумот на жени се децидни, дека овој феномен треба да исчезне бидејќи на овој начин се загрозува идентитетот на жените кои се сметат дека се во сопственост на мажите.
„За жал, се уште полошкиот регион, но и пошироко, е под влијание на мажот и така жената се вика по името на мажот и на пример доколку мажот се вика Драган, таа се вика Драганица и не треба да биде откриен нејзиниот идентитет и таа го губи идентитетот и се согласува со тоа, не реагира. Овој феномен треба да исчезне бидејќи, замислете такво нешто во денешно време“, истакна Џане Крајшова.
Ова здружение моментално работи на проект за спречување на семејното насилство и тоа преку економскиот развој, во чии рамки жените од полошкиот регион се обучуваат за економски прашања.
„Целта е преку економски развој да се спречи насилството во семејството, жена која работи не значи дека нема да биде жртва на семејно насилство. Доколку работи нема да има хронична зависност од партнерот или од друг член на семејството“, додава Џане Крајшова .
Жените кои не работат, според ова здружение, се многу повеќе малтретирани и тие ретко ги пријавуваат овие случаи. Според Крајшова, тие немаат каде да одат, немаат финансиски приходи и затоа се обврзани да трпат насилство.