Двајца ловџии во Хрватска спасиле едногодишно мече кое паднало во стар бунар во шума во близина на Брибир и не можело самостојно да излезе. Благодарение на нивната брза реакција, животното било спасено и безбедно се вратило во природата.
Инцидентот се случил во областа Машево, во општината Винодол, кога Марио Зубчиќ, член на ловечкото друштво „Ричина“ од Цриквеница, за време на прошетка низ шумата забележал мечка со младенче.
Откако мечката се оддалечила, тој забележал раскопана земја околу отворот на стар бунар. Кога се приближил, сфатил дека малото мече паднало внатре и не може да се извлече.
Зубчиќ веднаш побарал помош од ловечкото друштво „Вепар“ од Брибир, по што на местото пристигнал ловџијата Дарио Властелиќ.
И покрај опасноста мајката мечка да се наоѓа во близина, двајцата одлучиле да му помогнат на младенчето. Во бунарот спуштиле долга скала, по која мечето почнало да се искачува.
По неколку моменти, животното успешно излегло од бунарот и истрчало назад во шумата.
Снимката од спасувањето брзо се проширила на социјалните мрежи, а особено внимание привлекле зборовите со кои ловџиите го охрабрувале мечето додека се искачувало.
