Дрога и проституција во училиштата во Тетово, се апелира за зголемено внимание на родителите за нивните деца

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во тетовските училишта се продава дрога, ученици носат ладно оружје, а има и жени кои се занимаваат со тајна проституција. Ова се дел од заклучоците кои денеска излегоа на трибина на која присуствуваа претставници од училиштата, полицијата, центарот за социјална работа, општина Тетово и други институции. Директорката на училиштето „Кирил и Методиј“, Сихана Каба Касами вели дека треба да се подигне свеста во училиштата, но и кај родителите. Според неа, училиштата ги презентираат проблемите, но институциите не преземаат мерки.

-Ние бевме информирани дека имаме случаи на употреба на дрога на малолетна возраст, имаме проституција на малолетна возраст и за овие случаи не треба да молчат. Овие треба да излезат на површина час поскоро, зборуваме за случаи до 14 години, тие се наши деца, во кое училиште и да е. Значи, сите треба да бидеме очи и уши и случаите да не се кријат само за да не бидеме казнети. За нас како раководители или нешто друго е важно да ги спасиме. За малолетниците проблем е ако тргнат по таков пат, да ги спасиме час поскоро, бидејќи ја чекаат нашата помош“, вели Каба Касами.

Социолозите апелираат до родителите да се фокусираат повеќе на децата, бидејќи според неа, родителите се тие кои треба да бидат повнимателни со своите деца.

-Во овој случај би ја издвоила улогата на родителите, колку отворено, фер соработуваат за работите кои носат скриена проституција, употреба на наркотици или многу други девијантни однесувања. Постојана комуникација и постојана контрола на родителите во часовите кога се надвор од училиште би била неопходна за да се изрази проблемот што го имаат и родителот да биде во заштитната улога на своето дете“, изјави Ардита Абдули Река, социолог.

Блерта Ахмети, претседателка на Советот на општина Тетово за превенција од деликвенција, вели дека сега е формиран овој совет и дошле до заклучок дека треба да се зголеми свеста кај некои родители за да имаат поголем интерес за нивните деца што прават на училиште.

-Она што беше една од клучните точки има врска со зајакнувањето на улогата на родителите во однос на училиштата, бидејќи од различни училишта добивме информации дека не сите родители покажуваат соодветен интерес кога станува збор за заштита на интересите на децата или кога во случаи каде децата претставуваат проблем или во случај да се појави ситуација кога одредени институции мора да интервенираат, почнувајќи од самото училиште“, изјави Ахмети.

Многу училишта во Тетово немаат психолог, педагог, но и дефектолог, а тоа е проблем само по себе, што значи дека училиштата немаат соодветна рамка за соработка или решавање на проблемите што се презентираат во училиштето. Некои училишта во Тетово се распрскани во повеќе објекти и имаат на располагање само еден психолог.