Другата страна на платежните картички – поразителна статистика дека живееме во сиромаштија

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Платежни картички за над 324 илјади граѓани ќе додели Владата со цел рестартирање на македонската економија. Но токму оваа бројка дава една друга слика која покажува дека за жал во нашата држава поголемиот дел живеат со помалку од 15 илјади денари месечно. Поранешниот советник во министерството за финансии, Бранимир Јовановиќ смета дека ваквата бројка е поразителна, истакнувајќи дека со оваа мерка на граѓаните им се даваат трошки и милостиња, наместо да се решат системски проблемите.

„Дефинитивно е поразителна статистиката, со тоа што мислам дека бројките се уште полоши од ова, бидејќи во оваа бројка не се влезени и пензионерите. Голем дел од пензионерите, веројатно една половина, односно 150 илјади имаат пензии кои се помали од 15 илјади денари. Официјалната стапка на сиромаштија во државата е околу 22 проценти, односно 455.000 кај нас живеат во релативна сиромаштија, а според светска банка, апсолутната сиромаштија во земјава изнесува 110.000 живеат со помалку од 40 денари на ден. Има и бројки за висина на приходи од Министерство за финансии, 50% од луѓето имаат доход под 212 евра месечно“, истакна Бранимир Јовановиќ.

Она што е потрагично, според Јовановиќ е тоа што години наназад сите овие статистики се познати и ништо не е направено за тие да бидат сменети.

„Наместо да ја искористиме оваа криза да ги направиме тие крупни радикални промени што се потребни за да се искорени сиромаштијата ние повторно на овие луге само им фрламе трошки, односно им даваме милостиња наместо да направиме систем кој тие луге ќе ги извади од сиромаштијата и ќе спречи повторно да паднат во неа односно да изградиме систем кој ќе ги искористи нивните работни потенцијали затоа што тие луѓе можат да работат и не се неспособни“, додава Јовановиќ.

Владата вчера ја претстави интернет страницата на која може да се провери дали сте добитник на платежна картичка од 9,6 и 3 илјади денари за купување домашни производи. Меѓутоа веб страната и денеска е нефункционлна. Граѓаните за да видат дали се на листата корисници на оваа мерка треба само да го внесат нивниот матичен број. Ангеловска рече дека тимот ќе работи на проблемот со цел граѓаните да немаат такви тешкотии.

Домашна картичка ќе добијат и 4.394 здравствени работници ангажирани во справување со КОВИД-19. На нив им следува 40% од последната основна нето-плата.