Промените во пензискиот систем мора да бидат внимателно анализирани, а интересите на граѓаните кои со години издвојуваат средства за својата пензија да останат во центарот на секоја реформа. Ова е главната порака на Асоцијацијата на друштвата за управување со пензиски фондови (АДПФ), која повика на отворена, аргументирана и стручна дебата за иднината на пензиското осигурување во Македонија.
Од Асоцијацијата нагласуваат дека секој предлог за промена треба да биде оценет според неговото влијание врз пензиските заштеди, правата на членовите и долгорочната финансиска одржливост на системот.
На денешната прес-конференција беа претставени анализи и согледувања за приносите на пензиските фондови, средствата на индивидуалните сметки и потребата од модернизација на правилата за инвестирање.
На прес-конференцијата ѝ претходеше стручна тркалезна маса, на која десетина домашни експерти од областа на економијата, финансиите и пензиското осигурување, заедно со претставници на пензиските друштва, дискутираа за предизвиците и можните реформи.
АДПФ: Секоја промена мора да биде поткрепена со аргументи
Претседателот на АДПФ, Маријан Николовски, порача дека реформите не треба да се носат без претходна детална анализа на нивните последици.
„Сметаме дека секој предлог за промена треба да биде предмет на аргументирана и отворена стручна расправа, со внимателна оценка на последиците за членовите и за функционирањето на системот. Како асоцијација, подготвени сме да придонесеме во таквата расправа со своето искуство и со релевантни информации“, изјави Николовски.
Тој истакна дека граѓаните треба да добиваат јасни и разбирливи информации за приносите на пензиските фондови, периодот на кој се однесуваат и начинот на нивното пресметување.
Колку навистина вредат пензиските заштеди по 20 години?
Заменичката-претседателка на АДПФ, Весна Стојановска, посочи дека резултатите од пензиското штедење треба да се разгледуваат долгорочно, со земање предвид на инфлацијата, инвестициската стратегија и ризиците.
Како пример, таа наведе еднократна инвестиција од 10.000 денари во период од 20 години.
Според претставената пресметка, при просечен годишен номинален принос од 5,5 проценти, средствата би пораснале на приближно 29.200 денари. Меѓутоа, кога ќе се земе предвид инфлацијата, при годишен реален принос од 2,3 проценти, нивната вредност би изнесувала околу 15.800 денари, изразена во куповната моќ од моментот на уплатата.
Тоа претставува реално зголемување на куповната моќ за приближно 58 проценти.
Стојановска објасни дека инфлацијата, зголемувањето на каматните стапки и геополитичките случувања по 2021 година влијаеле врз вредноста на акциите и обврзниците, а со тоа и врз приносите на пензиските фондови.
Таа предложи модернизација на инвестициската регулатива, со која би се овозможило вложување во поширок спектар финансиски инструменти, вклучително и обврзници чија вредност е поврзана со инфлацијата.
Индивидуалните сметки и наследувањето на средствата во фокусот
Снежана Станковиќ нагласи дека капитално финансираното пензиско осигурување во изминатите две децении овозможило акумулирање заштеди на лични сметки, преку кои членовите можат да ги следат уплатените придонеси и остварените приноси.
Таа посочи дека е особено важно да се зачуваат правата на членовите врз нивните средства, вклучувајќи ја и можноста за наследување под законски утврдени услови.
„Индивидуалните сметки и правата на членовите мора да бидат во фокусот на реформите. Само со јасен концепт и долгорочна стратегија можеме истовремено да обезбедиме заштита за најранливите и да ја зачуваме довербата на оние што со години придонесуваат во системот“, рече Станковиќ.
Како позитивен чекор таа ја посочи новата законска регулатива за мултифондовите, која веќе се наоѓа во собраниска процедура.
Станковиќ се заложи и за јасно разграничување меѓу пензиската и социјалната компонента, со цел да се обезбедат предвидливи правила и долгорочна финансиска одржливост.
Од АДПФ порачаа дека остануваат подготвени да учествуваат во понатамошните разговори за реформите, нагласувајќи дека секоја одлука мора да ги земе предвид интересите на членовите и последиците врз нивните пензиски заштеди.
