Државата ќе помага за сметките за струја – 600 до 800 денари за загрозените категории

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Државата ќе ги субвенционира сметките за струја за најранливите категории. Предвидени се 60 милиони денари, а како што најави министерот за економија, Крешник Бектеши, субвенцијата ќе биде во висина од 600 до 800 денари. Јавниот повик е веќе објавен на веб страната на Министерството за економија и сите граѓани кои ги исполнуваат условите можат да се пријават најдоцна до крајот на февруари.

„Во согласност со програмата за едно лице со приход до 18 илјади денари по домаќинство, со 2 члена до 25 илјади денари, за домаќинства со 3 члена до 30 илјади денари намалувањето ќе биде 600 денари. Додека за домаќинствата со 4 члена со приход до 36 илјади денари, и домаќинствата со 5 или повеќе члена со приход до 43 илјади денари, намалувањето на сметката ќе биде 800 денари“, истакна Крешник Бектеши.

Освен ова, мерката ќе ги опфати и лицата со посебни потреби и самохраните родители.

„Доколку домаќинствата штедат струја 10% за разлика од истиот период минатата година, тогаш ќе има дополнително намалување на сметката за струја од 200-300 денари, зависно од категоријата во која спаѓаат“, додаде Крешник Бектеши.

Министерот за економија Крешник Бектеши изјави дека ќе има финансиска поддршка и за домаќинствата кои ќе постават фотоволтаични панели, соларни колекторски системи и замена на алуминиумски прозорци.