4 и 13 јуни се датумите кога матурантите мора да полагаат државна матура. Но, дел од средношколците бараат укинување на испитот поради пандемијата и изгубените часови, а останатите се согласуваат полагањето да се одржи. Претседателот на Синдикатот за средни училишта, Лука Павичевиќ, рече дека едно од нивните барања на средбата со премиерот било да не биде опфатен материјалот од времето кога наставниците штрајкувале, а откако биле прифатени нивните барања, било одлучено да се одржи државната матура . Тој додава дека контактирале и со ученици кои бараат укинување на државната матура, но според Синдикатот тоа би било на штета на учениците.
Ѓорѓи Јачев од неформалната организација од каде бараат да не се одржи државниот испит, вели дека околу 6 илјади ученици се со такво барање. Оваа бројка ја базира на групата формирана онлајн на една социјална мрежа. Вели дека жалбите се испратени и до МОН.
„Сакаме нашата генерација да биде изземена од државната матура поради квалитетот на образованието. Пред три дена испративме барање до МОН, каде собравме потписи од цела држава и беа испратени до МОН од каде очекуваме одговор“, вели Ѓорѓи Јачев.
Директорката на Државниот испитен центар Елизабета Наумовска рече дека барањата за укинување на матурата бараат време и законски измени во Собранието. Според неа, и годинава ќе се применува истиот концепт на испитот како и лани. Што се однесува до реакциите на учениците за укинувањето на државната матура, таа рече дека досега не биле официјално адресирани и нема сознанија кои се организаторите.
Наумовска вели и дека учениците имаат право да полагаат завршен испит но според законот немаат право да се запишат на факултет без положена државна матура.