Ова е прва година на обележување на Велигден по пандемијата, без ограничувања и слободно, но со нови предизвици. Економската криза и војна во Украина. Сепак, настрана од мрачната атмосфера, државниот врв денеска со честитки за празникот.
Без видео, само со текст честитки за празникот упати јапретседателот на државата Стево Пендаровски и претседателот на Собранието, Талат Џафери.
„Вдахновени од Христовото страдање за човештвото и од неговото воскреснување да им дадеме смисла на нашите животи и да ги победиме искушенијата, отворајќи ги нашите срца и споделувајќи безусловна љубов“, вели Стево Пендаровски.
„Убавиот збор, благородното и хумано дело, сочувствувањето со несреќните причинува поголема радост и дава спокој во душата. И во празничните денови бидете нечие светло на крајот на тунелот, нечиј топол дом и засолниште, нечиј зрак на надеж“, посочи Талат Џафери.
По завршување на литургијата во соборниот храм Свети Климент Охридски во Скопје, честитка за празникот упати и лидерот на опозицијата, Христијан Мицкоски.
Додека самите политичари се држеа настрана од политиката денеска, архиепископот Охридски и Македонски г.г Стефан со политички обоена честитка.
Со литургијата, со кршењето на црвеното јајце и меѓусебниот поздрав Христос воскресна- Навистина воскресна, православните верници го одбележаа најголемиот христијански празник Велигден.