Државниот врв го честиташе Велигден, сите со желба за надминување на пандемијата

ПОСЛЕДНИ ВЕСТИ

Државниот врв на републиката го честиташе христијанскиот празник Велигден, на сите православни граѓани. Сите со желби за побрзо надминување на пандемијата.

Претседателот на собранието, Талат Џафери, со честитка до сите православни верници.

„Почитувани граѓани на Република Северна Македонија, припадници на православната вероисповед,


Дозволете од свое лично име и од име на пратениците на Собранието на Република Северна Македонија да Ви го честитам големиот христијански празник, Христовото воскресение – Велигден.


Упатувам искрени желби за добро здравје, лична и семејна среќа, лични и колективни успеси и радости. Големите празници се секогаш добра можност да се потсетиме на работите кои вистински ни го радуваат срцето, да ја засилиме вербата и надежта која треба да ја имаме за да ги надминеме предизвиците пред нас. Во овие години
на пандемија се соочивме со особено голем предизвик, а тоа е нашето здравје и здравјето на нашите драги и блиски луѓе. Осознавме што значи и колку е болно од ден на ден да заминуваат во вечноста блиски и далечни, познати и непознати луѓе. Нека празникот донесе нова, силна надеж и верба во што побрзо надминување на пандемијата,
закрепнување на економијата и колективно здравје на сите наши граѓани. Да запомниме дека здравјето е меѓу оние вредности на животот кои се од најголемо значење, кои се незаменливи и универзални за сите нас, без оглед на разликите што не карактеризираат. Уште еднаш, Ви посакувам честит Велигден и убави празнични моменти во кругот на најблиските!“.

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски, по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден, упати честитка до поглаварот на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, Митрополит  Скопски, Архиепископ Охридски и Македонски и на Јустинијана Прима, г.г. Стефан и сите православни верници, и до Претседателот на Црковното претставништво на Евангелско – методистичката црква, Емил Заев и припадниците на Евангелско – методистичката црква во државата.

„Посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје, исполнети со среќа, радост и љубов. Велигден како празник на надежта ги исполнува срцата со топлина, а мислите со оптимизам и верба. Да шириме љубов и добра мисла и да му се радуваме на животот. Нека постојано со нас биде присутна дарежливоста, добродушноста и искреноста. Како што Христијанството би било празно без христовото воскресение така би биле празни и нашите животи без љубов, сочувство, морал, споделување и благодарност. После повеќе од една година живот во пандемија која го загрозува здравјето и предизвикува економска пустош се наѕира крај на голготата со која се соочува целото човештво. До завршувањето со имунизацијата да бидеме совесни и одговорни“, се вели во честитката од претседателот Пендаровски по повод големиот христијански празник Воскресение Христово – Велигден.

Претседателот на Владата на Република Северна Македонија, Зоран Заев испрати писмо со честитки до поглаварот на Македонската православна црква – Охридска архиепископија, архиепископ охридски и македонски Господин Господин Стефан, до членовите на Синодот и свештенството и монаштвото на МПЦ-ОА, како и до сите православни верници по повод големиот празник Воскресение Христово – Велигден.

„Почитувани граѓани, 
И оваа година еден од најсветлите празници – Велигден го дочекуваме во специфични услови и со ограничувањата кои ги донесе пандемијата. Во овие предизвици не сме сами – целиот свет се уште е во состојба на криза или вонредност поради опасниот вирус.
Празникот на спасението, кој го означува крајот на Христовите страдања и со кој ја славиме победата над смртта, нè потсетува на потребата да се преиспитаме и со скромност да понесеме одговорност за доброто на сите во нашата заедница. Да се заштитиме себеси и здравјето на блиските.
Саможртвата на Христос е подвиг од љубов, посветен на нас луѓето. Бог ни се даде како пример. И токму овие светли празници секој од нас прави личен подвиг пред искушенијата – секој од нас трезвено и воздржано внимава на заштитата на здравјето односно на предизвикот што го наметна оваа глобална здравствено-економска криза.
Во наше изменето современие, научивме дека Велигденските денови се можност да се свртиме кон себеси и кон нашите најблиски, да создаваме добри дела и да покажеме солидарност, почитување и разбирање еден кон друг.
Во овој период на пандемија, да празнуваме како одговорни граѓани, а Велигден, како празник на надежта, да донесе благосостојба, радост и сплотеност во нашите домови. Опкружени со љубов, но и со надеж за подобрите денови кои доаѓаат, да бидеме исполнети со хармонија и прошка, мир и просперитет, без поделби, без омраза, без конфликти.

Ви посакувам празничните денови да ги поминете во добро здравје и со духовна сила!
Нека е честит големиот христијански празник – Велигден!
Христос воскресна! Навистина воскресна!“