ДУИ бара повеќе тестирања – бројот ќе се зголеми со скринингот, велат од МЗ

НАЈНОВИ ВЕСТИ

ДУИ на владина седница ќе побара да се зголеми бројот на тестови за Ковид-19. Вицепремиерот Бујар Османи рече дека ќе побараат во текот на еден ден да се направат од 500 до 750 тестови.

„Поради тоа што сметаме дека само на тој начин навреме ќе ги детектираме и изолираме тие кои евентуално се заразени во услови кога ќе се укине полицискиот час и ќе се отвораат бизнисите“, истакна Бујар Османи.

Со ова уште еднаш се покрена прашањето зошто се намали бројот на тестови, дали навистина се намали бројот на сомнителни случаи, како што изјави министерот Филипче или да се ублажи ситуацијата пред избори? За ова прашање е загрижена и опозицијата.

Од Министерство за здравство, прашани за барањето на ДУИ, за кое зборуваше денеска Бујар Османи, рекоа дека и онака бројот на тестови со скринингот ќе се зголеми.

„Од вчера почна скрининг процес со кој се зголемува бројот на тестирани лица за КОВИД-19. Во изминатите 24 часа направени се 460 тестови. Намалениот број на тестови во изминатата недела се должи поради намалената индикација на тестирање. Поради ова се пристапи кон скрининг кој овозможува постојано тестирање и зголемување на бројката на тестирања на дневно ниво“, велат од Министерството за здравство.

На крајот на април се намали бројот на тестирањата поради тоа што како што известуваше Министерот за здравство, епидемијата почна да стивнува. Потоа почна скринингот, кој ќе се одвива следните месеци.