ДУИ и Алијанса/Алтернатива воздржани – ќе ја врати ли Џафери резолуцијата на ВМРО-ДПМНЕ!?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Партиите на Албанците воздржани околу резолуцијата што ја предлага ВМРО-ДПМНЕ. Од ДУИ сметаат дека сите прашања што се наведени во Резолуцијата не треба да бидат тема на дискусија во Собранието, но бараат и усогласување на текстот.

„ДУИ смета дека националниот, историскиот, јазичниот и културниот идентитет не е прашање за дискусија и не е прашање за политичко договарање. Следствено цениме дека е потребно усогласување на текстот на Резолуцијата помеѓу сите парламентарни политички партии и да се осигуриме дека тоа не му штети на нашето чекорење кон Европската унија.“, вели Арбер Адеми.

Халил Снопче од Алијанса и Алтернатива вели дека тие дополнително ќе се изјаснат но според него важно е да се продолжат интегративните процеси и да не се дозволи да се нарушат односите со соседите вклучително и со Република Бугарија. Сепак тој забележува на различните ставови по ова прашање на двете партии во власта.

„Ние имавме можност да го слушнеме и ставот на министерот за надворешни работи Бујар Османи кој што рече дека оваа резолуција и штетат на меѓународните тенденции на Република Македонија, меѓутоа исто така имавме изјава и на координаторот на пратеничката група на СДСМ господинот Костадинов кој вели дека оваа резолуција е добра. И сега логично би било и од партиите на власт да има еден заеднички став за ова прашање. Не може министер за надворешни работи и координатор на најголемата партија да спротивставени ставови.“, рече Снопче.

И покрај ова од ВМРО-ДПМНЕ ќе ја предложат резолуцијата во Собранието на усвојување. Сепак и денеска останува прашањето, како ќе ја достават со тоа што не го употребуваат уставното име и дали се подготвено, претседателот на парламентот Талат Џафери и овој пат да им го врати документот. Координаторот на ВМРО-ДПМНЕ Никола Мицевски го повтори ставот.

„Се повикуваме на документи кои што имаат одредени временски интервали. Така што резултатот од Референдумот кој што е објавен е документ кој што излегол во Службен весник во 91-ва година.Декларацијата на Собранието за развој на односите на Република Македонија во Европската унија е документ кој што изгласан во македонското Собранието 98-ма година и повеќе се задржавме на суштината на самата Резолуција, односно што значи оваа Резолуција“, рече Мицевски.

ВМРО-ДПМНЕ имаше средби и со Левица, кои вчера се изјаснија дека за нив е прифатлива оваа Резолуција, како и со пратеници од БЕСА. Со СДСМ велат нема да имаат средба откако вчера од владејачката партија се изјаснија дека ја прифаќаат.