Опозициската ДУИ нема да го поддржи новиот закон за високо образование, поради тоа што, како што велат, ја загрозува универзитетската автономијата, овозможувајќи му на министерот за образование и на самата Влада да интервенираат на брутален начин во академското донесување одлуки, управувањето со финансии на самите универзитети и во раководењето со високообразовните институции.
„Преку овој закон ќе се ослаби внатрешната демократија на универзитетите, додека процесот на донесување одлуки ќе се централизира во рацете на неколку поединци и групи со интереси. Академската слобода треба да биде недопирлива, додека високообразовните институции треба да бидат независни во извршувањето на нивните активности. Поради горенаведените причини, овој предлог закон е неприфатлив за нас и на никаков начин нема да има наша поддршка“, велат од ДУИ.
Не е познато дали и коалицијата ВЛЕН ќе го поддржи предлог-законот за високо образование, бидејќи од оваа коалиција рекоа дека ја чекаат конечната верзија за да видат во каква мера нивните забелешки се инкорпорирани.
„За време на овој процес изнесовме забелешки и предлози, а сега го чекаме конечниот предлог-закон за да видиме во каква мера тие се инкорпорирани. Сметаме дека ваква реформа бара инклузивен пристап и широк консензус, вклучувајќи и академски групи, за да се обезбеди квалитет и долгорочна одржливост“, велат од ВЛЕН.
Инаку, Министерството за образование повторно го објави проект-законот за високото образование,во кој се направени промени како во техничкиот аспект, така и во суштинскиот. Сепак, законот се очекува да биде испратен во Владата и, по неговото усвојување, да се достави до Собранието.
