По примерот на Северна Ирска и Белгија, опозициската ДУИ заедно со експерти разгледува модели за поделба на Македонија по региони. Како што објавивме вчера, ДУИ за овој модел ангажирала меѓународни експерти и дел од авторите на Охридскиот договор.
Какви се овие модели?
Територијата на Белгија е поделена на три региони, од кои два, фламанскиот и валонскиот регион, се поделени на провинции. Тие се поделени според јазиците. Третиот регион е Брисел-Капитал, кој не е ниту покраина ниту дел од провинција.
Северна Ирска е поинаква. Законот за Владата на Ирска донесен во 1920 година предвидува две делумни самоуправни единици во Ирска, јужниот и северниот дел. Северниот дел има 6 области. Тие веќе не се користат за целите на локалната управа. Наместо тоа, има единаесет окрузи во Северна Ирска, кои беа создадени во 2015 година, заменувајќи ги дваесет и шестте области што постоеја претходно.
Што мисли Мицкоски за ова?
„Она со кое тие сега се обидуваат да настапат во јавноста е повторно политика на дезинтегрирање, нарушување на унитарниот карактер. Јас мислев дека ќе извлечат поука и ќе се извинат за трговскиот центар во центарот на Скопје, за „мајбах“ и „ролс ројс“ возилата, за тоа инстант фирми како милиони увезуваат, тендери, за наместените судии и обвинители. Само така можеме сериозно да ги разбереме. Сѐ ова останато, јас, простете, го сфаќам како обид да се заштити криминалот. И сѐ додека вака настапуваат, нема да наидат на сериозност никаде“, рече Мицкоски, одговарајќи на прашањето на ТВ21 по поставување камен-темелник за градинка во Трубарево.
Арбен Таравари, кој е дел од Владата и министер за здравство реагираше на веста за објавување на двата модели кои ги испитуваат меѓународните експерти и авторите на Охридскиот договор, ангажирани од ДУИ, јавува ТВ21.
„Интересно е како ДУИ по 22 години за прв пат денеска се сеќава какво би било адекватно територијално решение за Македонија. Не доцни 1 или 2, туку 22 години… ДУИ пропаѓа и во опозиција…“, напиша Таравари на Фејсбук.
