Советникот на ДУИ во Советот на општина Тетово, Фитим Мустафи, ги обвини општинските власти дека со непоставувањето семафори на овој булевар ги загрозуваат животите на голем број граѓани. Според него, општината распишала тендер за кој се сомнева за многу злоупотреби.
-Во тендерот што го објави општината се бара семафорите и столбовите да бидат нови. Семафорите треба да бидат опремени и со тајмери и копчиња за пешаци. Но, што е всушност постигнато досега? Семафорските столбови се стари, датираат скоро 20 години. Семафорите немаат тајмери или копче за пешаци, а како што гледате во моментов не се ни функционални, додека од општината тврдат дека проблемот е решен, вели Фитим Мустафи, советник на ДУИ.
Запрашан за ова, градоначалникот на Тетово Биљал Касами рече дека веќе се поставуваат семафори, притоа потсетувајќи дека во двата мандати на ДУИ на чело на општината, ниту булеварот бил пуштен во употреба, ниту семафорите.
-Најмалку имаат право да обвинуваат за поставувањето на семафорите бидејќи најмалку два мандати, 8 години имале можност да го изградат булеварот и да постават семафори, а ние го пробивме булеварот и работите за поставување на семафорите и многу други работи се во тек, така што тие да се грижат повеќе за себе, да размислуваат и да влијаат и од опозицијата и од централната и локалната власт, да се реформираат и да размислуваат дека на следните избори можат да бидат сериозни кандидат за трката за локална власт, изјави Биљал Касами, градоначалник на Тетово.
Тендерот за семафорите во Тетово беше распишан во февруари 2024 година, а иако се планирани 6 нови столбови, четири од нив се поставени, а останатите се уште не се.
