Дупки на улици – „Улици како во Струга нема ниту во Европа“, вели градоначалникот Мерко

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Овие улици се низ неколку населби во Струга и пред Домот на културата. Нивната состојба се гледа на овие снимки. Уништени и раскопани.

„Се наоѓаме во Струга токму пред Домот на културата на овој град. Во оваа населба улиците се уништени и со големи дупки кои се речиси непроодни. На адреса на ТВ21 пристигнаа неколку жалби за неколку населби во Струга“, јавува репортерката на ТВ21.

Жителите велат дека најлошо е кога врне бидејќи дупките се полнат со вода, Тие бараат од општината што поскоро да ги санира истите.

„Од струшките власти бараме да работат повеќе, меѓутоа тие не мислат за народот, туку само за својот џеб“, вели еден жител.

Градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко вели дека инвестиции какви што направил тој во Струга, нема ни во Европа.

„Со програмата за оваа година, малку улици ќе можеме ние да покриеме. Значи имаме и поголеми можности, затоа правиме и низ руралните средини. Вие самите сте сведоци овде кај нас се направени инвестиции како во ниеден друг град. Направени се улици како што нема ниеден град во Европа“, изјави градоначалникот на Струга, Рамиз Мерко.

Во Струга во последно време се асфалтирани и проширени главните улици, но не и  уличките низ населбите.

Мерко вели дека оваа година ќе се реши и проблемот со паркинзите што претставува голем проблем особено во лето кога градот е преплавен од туристи и печалбари.