Дурмиши: Нема да има интервентно зголемување, минималната плата ќе порасне во март колку што законски следува

НАЈНОВИ ВЕСТИ


Нема да има интервентно зголемување на минималната плата под притисок на синдикатите, а нема да има ниту празнични потрошувачки кошници или ад- хок мерки за стабилизација на цените и маржите. Министерот за економија Бесар Дурмиши вели минималната плата ќе се зголеми во март, но само онолку колку што законски следува, согласно формулата за пресметка. Популистички одлуки нема да има- вели тој- бидејќи тоа ќе ја зголеми инфлацијата.

„Да одиме на притисокот кој што ни го прават синдикатите, ние со таа одлука ќе вршиме притисок на малите и средните претпријатија, каде што врз тој притисок они ќе немаат финансиски средства да ги платат своите работници. Ќе бидат на некој начин да кажеме, ќе мора да ги отстранат од работните места тие работници што ги имаат, каде што ќе влијае на инфлацијата поради тоа што е економски циклус“, рече Дурмиши.

Иако инфлацијата во октомври достигна 4,5%, министерот како и премиерот очекува таа да се намали до крајот на годината. Интервенции за цените за сега нема да има.

„Сега за сега не гледам причина зошто да донесеме одлука за замрзнување или ограничување на бруто-профитната маржа на трговија на големо или трговија на мало 10 проценти, како што го правевме ова минатата година. Тука сме, ги анализираме цените, го анализираме пазарот секојдневно. Ќе видиме ако има потреба ќе донесеме одлука.“, изјави Дурмиши.

Дурмиши најави дека до крајот на месецот ќе го свика Економско социјалниот совет на кој ќе се прецизираат и владините просечни потрошувачки кошнички. Токму поради растот на цените и високата инфлација, синдикатот прави нова пресметка за висината на минималната плата. Велат 500 евра минималец како што бараа до сега е премалку. Моментално, минималната плата е 24.400 денари. Со законското усогласување, во март порасна за помалку од 2.000 денари.