Ограничувањето на маржата на над 1.000 прехранбени производи довело до намалување на инфлацијата за 1,3% и намалување на цените на основните прехранбени производи за 3%, истакна министерот за економија Бесар Дурмиши на конференцијата организирана како форма на отчетност за првата година на чело на овој ресор. Тој додаде дека и покрај недоволниот број инспектори, услугите во Државниот инспекторат за труд се засилени со зголемување на бројот на инспекциски контроли за 20%, додека Државниот пазарен инспекторат бележи раст од 15%.
„Пазарниот инспекторат може само да направи анализа и да ја информира Владата, односно Министерството доколку има енормно зголемување на цените, дали има девијантно однесување од страна на трговците, производителите, дистрибутерите и ние потоа реагираме со мерките што ги имаме. Точниот број не го знам бидејќи во секоја мерка имаше и изречени казни од Пазарниот инспекторат, во вредност до 10–12 милиони денари по мерка, но сега таа информација не ја имам тука и имало случаи кога и сме ги затворале маркетите.“, рече Дурмиши.
40 милиони евра беа потрошени за намалување на невработеноста преку самовработување, практична обука и други мерки за 16.000 граѓани, соопшти Дурмиши. Како постигнување од овој ресор се смета и зголемувањето на минималната плата за 8%. Во завршна фаза е формирањето на реалната потрошувачка кошничка за четиричлените семејства.
Измените во Законот за заштита на потрошувачите, според Дурмиши, воведоа обврска за маркетите да ги објавуваат цените на нивните веб-страници. Се планира развој на апликација која преку алгоритам ќе ги споредува цените и ќе им покаже на граѓаните кој производ е најевтин во нивната близина. Министерот изјави дека се работи и на тоа на рафтовите на секој маркет да биде обележано потеклото на производите – кои се домашни, а кои се од странски земји.