Во невремето кое ја погоди Франција, животот го загубија две лица, а од утрово без електрична енергија сè уште се околу 450.000 домаќинства. Француската метеоролошка служба Météo-France ја опиша бурата како „невообичаено силна“, пренесува Sky News.
Потврдени две жртви
Владината портпаролка Мод Брежон потврди дека се регистрирани два смртни случаи поврзани со невремето. Првата жртва настрадала вчера во департманот Ланд, а втората „во текот на последните часови“ во департманот Тарн-е-Гарон. Таа додаде дека станува збор за маж кој бил пронајден во својот двор.
Големи проблеми со снабдувањето со струја
Од компанијата Enedis, оператор на електродистрибутивната мрежа, соопштија дека во пикот на бурата без струја биле дури 900.000 корисници. Екипи на терен забрзано работат на повторно воспоставување на снабдувањето, при што ангажирани се 2.100 техничари. До утрово електричната енергија е повторно обезбедена за околу половина од погодените домаќинства.
Предупредувањата и натаму на сила
Клучните југозападни делови на земјата и понатаму се под висок степен на подготвеност поради опасност од поплави. Црвените предупредувања ќе останат во сила за департманите Жиронд и Лот-е-Гарон до утре.
Поради бурата Нилс, осма по ред што годинава ја погоди Шпанија, уште во средата беа издадени црвени предупредувања и за северните шпански региони Галиција, Кантабрија и Баскија. Од Météo-France информираа дека бурата сега се движи понатаму кон истокот на Европа.
