Две лица загинаа во протестите во Судан против воениот удар

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Две лица денеска загинаа на протестот во суданскиот главен град Картум на кој демонстрантите повторно го изразија своето незадоволство од извршениот воен удар на 25 октомври минатата година.

Американските медиуми наведуваат дека суданските безбедносни сили употребиле солзавец за да ги растераат илјадниците насобрани демонстранти, кои маршираа на главната улица во Картум во насока на претседателската палата.

Суданските власти соопштија дека загинале висок офицер и еден демонстрант, а полицијата прецизираше дека високиот офицер бил убиен додека го обезбедувал протестот, во близина на претседателската палата.

Според видеата што се лиферуваат на социјалните мрежи, демонстрантите, главно млади лица, марширале на различни локации во градовите Картум и Омдурман.

Демонстрантите бараат смена на генералите на власт и формирање цивилна влада што треба да ја изведе транзицијата кон демократска власт.

Во речиси секојдневните протести во Судан по воениот удар досега загинаа над 60 лица, а стотици се повредени.