Две училишта во Кичево, без греење – Општината тврди: Имавме проблем со системот за греење

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во средните училишта „Дрита“ и „Мирко Милески“ во Кичево денеска немало греење како последица на недостиг од нафта за греење што требало да биде обезбедена од страна на Општината. Учениците ја напуштиле наставата бидејќи училниците биле премногу студени. Ова пред медиумите го соопшти советничката група на ВМРО-ДПМНЕ. Тие велат дека градоначалникот и локалната власт не работат како што треба и во овој нов мандат.

Нашата екипа излезе на терен. Учениците иако не сакаа да зборуваат пред камера потврдија дека е многу студено во училниците, а дел од нив ја напуштиле наставата  утрото бидејќи не можеле да го издржат студот.

„Одржавме час и половина, некои уште на првиот час си заминаа. Беше многу ладно“, посочи ученик.

Тв21 контактираше со директорите на двете гимназии, но тие одбија да зборуваат пред камера и нè упатија до Секторот за образование при општина Кичево. Од таму велат дека денеска имале проблем со системот за греење, и додаваат дека од ВМРО-ДПМНЕ неочекуваната ситуација се обиделе да ја користат за одредени цели.

„Процедурата за јавна набавка за обезбедување на количината на нафта за греење е реализирана согласно законските рокови и училиштата постојано се снабдуваат, но денеска имавме проблем со системот за греење во средните училишта затоа не успеавме навреме да ја санираме создадената пречка. Во меѓувреме некој ја искористил ова неочекувана за одредени цели. Образованието во општина Кичево е најважено и со посветеност работиме за обезбедување на услови и подигање на нивото на едукативно – образовниот процес“, велат од Секторот за образование при општина Кичево .

Еден од директорите ни рече дека во текот на денот ќе се снабдат со нафта за греење и очекуваат камионот да стигне во секој момент. Од Општина велат дека постои проблем со системот за греење и се очекува проблемот да се санира и со настава да се продолжи во нормални услови.