ДЗС: Просечната нето-плата во септември изнесувала 49.141 денар!

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Просечната месечна исплатена нето-плата по вработен во септември годинава достигнала 49.141 денар, што претставува зголемување од 8,1 отсто во споредба со истиот месец минатата година, соопшти Државниот завод за статистика.

Според Заводот, растот на просечната нето-плата главно се должи на повисоките исплати во секторот за снабдување со вода, отстранување на отпадни води, управување со отпад и дејности за санација на животната средина, каде што е регистриран раст од 11,6 отсто.

Зголемување на платите е забележано и во секторот административни и помошни услужни дејности, за 10,6 отсто, како и во трговијата на големо и мало и поправката на моторни возила и мотоцикли, за 10 отсто.

Во споредба со претходниот месец, август, раст на просечната месечна нето-плата е забележан во рударството и вадењето камен, за 6 отсто, во преработувачката индустрија, за 3 отсто, како и во јавната управа и одбраната и задолжителното социјално осигурување, за 2,5 отсто.

Во меѓувреме, просечната бруто-плата по вработен во септември изнесувала 73.940 денари.