Една година на чело на министерството за животна средина, Меџити откри што е направено за средината во текот на овие 12 месеци

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Засилените контроли врз најголемите загадувачи на воздухот, заштитата на водата за пиење и плодната почва, зеленило во урбани зони, како и изградбата на системи за водоснабдување и канализација беа во фокусот на Министерството за животна средина во првата година од мандатот. Министерот Изет Меџити, изјави дека изградбата на регионални центри за управување со отпад – со финансиска поддршка во вредност од 55 милиони евра од ЕБОР – вклучува изградба на санитарни депонии, трансфер станици, зелени точки и постројки за компостирање.

„Системите за мониторинг на квалитетот на воздухот се зајакнати со поддршка од ИПА и твининг-проекти. Воведени се поостри контроли врз индустриските капацитети со интегрирани еколошки дозволи и креирани се локални планови за управување со загадувањето. За да се гарантира транспарентност и институционална ефикасност, е зајакнат Инспекторатот за животна средина и подобрени се механизмите за следење на клучните индикатори.“, изјави Меџити.

Во Битола започна изградбата на нова станица за прочистување на отпадни води, а во Тетово, Велес, Штип, Виница и Кочани се во тек тендерски постапки за изградба и реконструкција на постојните системи. Меџити додаде дека со поддршка од Европската инвестициска банка, почна имплементацијата на проектот за водовод и канализација во 80 општини во државата, во вредност од 50 милиони евра.

„Паралелно беше усвоен и првиот План за чист воздух 2024–2030, документ што поставува јасни цели и конкретни мерки за подобрување на квалитетот на воздухот, поддржан со 10 милиони евра од Европската Унија. Во тек е и процесот за усвојување на новиот закон за воздухот, кој има за цел целосна усогласеност со европските директиви.“, рече Меџити.

Другите проекти што ги истакна вклучуваат заштита на биодиверзитетот преку зголемување на заштитената територија од 11,5% на 13,9%, прогласување на Шар Планина за Национален парк, завршување на документацијата за прогласување на Јабланица за заштитено подрачје, како и ревалоризација на Националниот парк Маврово. Исто така беше спомната и швајцарската програма за заштита на подземните води во сливот на Вардар, во вредност од 4,6 милиони швајцарски франци, која трае до 2027 година и опфаќа планови за управување и значајни пилот-проекти.