Штрајкуваат со глад веќе седум дена барајќи ги правата што им следуваат, а надлежните органи сѐ уште немаат одговор во врска со барањата на затворениците за случајот „Диво Насеље“. Министерот за правда, Никола Тупанчевски, вели дека директорот на Управата за извршување на санкции се сретнал со осудениците и дека се работи во насока на стопирање на штрајкот и позитивен одговор за поволностите што им следуваат.
Но, затворениците не велат така. Извори на ТВ21 велат дека тие сѐ уште штрајкуваат со глад, поради тоа што немаат постигнато никаков договор. Пред два дена, Арсим Бајрами, кој во Затворот „Шутка“ служи затворска казна за истиот случај, вели дека уште пред 19 месеци поднеле барање за остварување на правото за семејни посети и користење слободни викенди.
-Сакаме да им порачаме дека утре навршуваат цели 7 години. Во целосна изолација сме. Не ни е понудена можност за ресоцијализација и убедени сме дека доколку не ни помогне гласот на народот и претставниците на меѓународната заедница акредитирани во земјава, тогаш ќе продолжат да ни ги негираат сите права, а ќе ни биде нарушено и здравјето, вели Бајрами.
Инаку, затворениците велат дека нивната здравствена состојба се влошува, но иако имало интервенции и од Брзата помош, тие не се откажуваат од штрајкот.