-Не вие лично, но како политички субјект вие сте за недела да биде неработен ден?
-Ние сме за либерализација и сме за…
-Да или не?
-Не може така, како мислиш? Епа сега…
Во емисијата „Клик Плус“ соговорниците разговараа околу влијанието на мерката – недела да биде неработен ден. Според претседателот на Стопанската комора на северозападна Македонија, Неби Хоџа, бизнисмените треба сами да одлучат дали сакаат да работат в недела или не. Како што вели, тоа што недела е прогласен за неработен ден има негативно влијание, поради, како што додава, намалениот број вработени. Самото затворање преку ден влијае негативно и врз туризмот, а со тоа и врз домашната економија, објаснува Хоџа.
„Само една компанија која е членка кај нас, не сакам да ѝ го откријам името, отпушти од работа 150 работници поради неделата, бидејќи има голем број вработени. За еден работен ден кој нема да го работат, требало да ги отпушти од работа. Ова влијае негативно врз економијата“, истакна Неби Хоџа.
ТВ21 од свои извори дознава дека станува збор за компанија која поседува ланец маркети. Според Елми Азири од Алијанса за Албанците, приватниот сектор треба да биде двигател, бидејќи, како што вели, тој генерира приходи кои влијаат и врз стопанството. Додава дека прашањето – дали недела да биде неработен ден, треба да се реши меѓу работникот и работодавачот.
„Во Македонија има многу празници и со неделите. Според информациите кои ги имам, во текот на една година има 65 неработни дена. 65 дена се два месеца. Дали знаете што значи тоа за бизнисите и приватниот сектор? Да исплатиш плата за два месеца кои не се работат, навистина е многу“, порача Елми Азири.
Но, според министерот за економија, Крешник Бектеши, недела како неработен ден е право на секој вработен и мерката не влијае врз економијата.
„Ако вработените во јавниот сектор се слободни секоја сабота и недела, тогаш оние кои работат во приватниот сектор имаат право барем во недела да бидат слободни“, вели Крешник Бектеши.
И аналитичарот Висар Адеми, смета дека недела треба да остане неработен ден:
„Во концепт каде што и Владата се покажува како неодговорна во своите политики, приватниот сектор кога има можност да ја „цеди“ работната сила тоа го прави. Почнувајќи од платата. Сметам дека можеме да му овозможиме на работникот барем в недела да биде слободен и со своето семејството“, порача Висар Адеми.
Инаку, од Стопанската комора бараат компаниите сами да донесат одлука дали ќе работат в недела или не.