ЕК: Јемен се соочува со криза на глад без преседан

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Еврокомесарот за хуманитарна помош, Јанез Ленарчич, повика сите страни во јеменскиот конфликт да дозволат пристап за хуманитарната помош во оваа земја, Европската Комисија денеска одржа состанок за да се изнајдат начини да се поддржат најпогодените во Јемен, јави дописничката на МИА од Брисел.

Европската Комисија заедно со Шведска денеска ко-организираа хуманитарен состанок посветен на кризата во Јемен каде масовната глад станува сѐ позивесна.

-Јемен останува најголемата хуманитарна криза во светот, масовната глад се ближи. ЕУ е посветена да ги поддржи луѓето на кои им е потребна помош, изјави Ленарчич.

Тој го поздрави денешниот состанок организиран со Шведска на кој се разговараше за тоа како да се обезбеди хуманитарна асистенција за најранливите категории во Јемен на брз и ефикасен начин.

-Ги повикувам страните во конфликтот да го почитуваат меѓународното хуманитарно право и да дозволат итна достава на помошта за засегнатото население ширум Јемен, додаде еврокомесарот.

На состанокот беа присутни агенции на Обединетите нации како и невладини јеменски организации кои повикаа итно да се достават дополнителни ресурси и побараа прекин на огнот на ниво на целата земја за да може да се седне на преговарачка маса и да се постигне политичко решение.