Екс-претседателот Иванов следочеше за „27 -ми април“ – „Глупост е дека сум сакал да прогласам воена состојба“

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Не планирав прогласување на воена состојба, ниту пак имав информации дека толпата на 27-ми април ќе влезе во Собранието, вака сведочеше поранешниот претседател на државата Ѓорге Иванов во судница за предметот „Организаторите на 27-ми април“.

„Во неделник постоеше напис полн со шпекулации, инсинуации и слободно би кажал глупости, кој беше коментиран, интерпретиран во повеќе медиуми во неделата пред настаните од 27-ми“, истакна Ѓорге Иванов.

Ваквиот текст според Иванов имал за цел да ја дискредитира Армијата, како и врховниот командант. Прашан, каков бил неговиот став за граѓанското движење „За заедничка Македонија”, рече дека тој неколку пати јавно ги поддржал, преку негови јавни излагања и соопштенија.

„Движењето „За заедничка Македонија” произлезе како одговор на т.н. „Тиранска платформа” и изјавите дека Македонија како држава не треба да постои. Преку стотици иницијативи и барања од граѓани и членови на „За заедничка Македонија” доаѓаа и продолжија да доаѓаат до кабинетот на претседателот“, посочи Ѓорге Иванов.

Прашан дали лицето Синиша Алексовски го известувал за своите активности, Иванов рече дека освен што е усно информиран, за се има и пишани белешки.

„Советникот Синиша Алексовски кога се случија настаните на 27 април барав да се врати од службен пат. Кога се врати ми ја покажа фотографијата од Живаљевиќ и неговата комуникација за тоа што бара во Собранието, за што се покажа дека бил на барање на абасадата за да утврди дали имало и српски граѓани при упадот на Собранието“, додава Ѓорге Иванов.

На денешното рочиште се повикани повеќе сведоци, меѓу кои и Биљана Бришковска Бошковски и Цветан Трипуновски. Случајот се наоѓа во доказна постапка и го води судијата Илија Трпков, а застапник на обвинението е Вилма Русковска.

Обвинети во овој предмет се поранешниот претседател на Собранието, Трајко Вељаноски, ексминистрите за транспорт и врски и за образование, Миле Јанакиевски и Спиро Ристовски, како и поранешниот директор на УБК, Владимир Атанасовски.

Тие се товарат дека сториле кривично дело „терористичко загрозување на уставниот поредок и безбедноста“.