Експертите на Обединетите нации повикаа на суспензија на сите израелски фудбалски тимови – и национални и клупски – од меѓународни натпреварувања, велејќи дека тоа е неопходен одговор „на тековниот геноцид на окупираните палестински територии“.
Обединетите нации им се придружија на голем број земји кои повикуваат на итни санкции против Израел поради неговата копнена воена интервенција и сведочењето за масакрите во Палестина.
Високиот комесар на ОН за човекови права издаде соопштение во кое се вели:
„Заклучокот на Комисијата за истрага на ОН за окупираната палестинска територија, вклучувајќи го Источен Ерусалим, и Израел, дека Израел врши геноцид, е најновиот во серијата меѓународни извештаи што потврдуваат дека се случува геноцид на окупираните палестински територии. Привремената одлука на Меѓународниот суд на правдата од 26 јануари 2024 година ја потсетува секоја држава на нејзините законски обврски да дејствува против геноцидот.“
Понатаму се нагласува:
„Спортот мора да ја отфрли илузијата дека сè може да продолжи како ништо да не се случува. Спортските организации не смеат да затвораат очи пред сериозните кршења на човековите права – особено кога нивните платформи се користат за нормализирање на неправдата.“
Експертите, исто така, нагласија дека земјите домаќини на меѓународни спортски организации, организаторите на натпревари, како и учесниците во настани каде што настапуваат израелски тимови, мора да ги земат предвид своите обврски и да не останат неутрални пред лицето на геноцидот.
„Јасно е дека бојкотот мора да биде насочен кон Државата Израел, а не кон индивидуалните играчи. Секогаш нагласувавме дека поединците не смеат да ги сносат последиците од одлуките на нивните влади. Според тоа, не смее да има дискриминација или санкции против играчите врз основа на потекло или националност.“
Исто така, беше нагласено дека националните тимови на земјите што вршат масовни кршења на човековите права „можат и треба да бидат суспендирани – како што беше случајот во минатото.“
Соопштението завршува:
„Уште еднаш ја повикуваме ФИФА да престане да ја легитимира ситуацијата создадена од нелегалното присуство на Израел на окупираните палестински територии. Постои законска и морална обврска да се преземат сите потребни чекори за да се стави крај на геноцидот во Газа – веднаш.“
Потсетете се дека во последните денови, повеќе од десет земји низ целиот свет ја признаа Палестина како држава.