Состојбата е хаотична и владата не смее да чека – мора да пресече веднаш со мерки за амортизација на ударот од цената на горивата, за да ублажи голем инфлаторен шок и раст на сите останати цени. Ова е ставот не експертите откако Регулаторна повторно ја корегираше нагоре цената на горивата во просек за речиси 9%.
„Таа цена е цена која што влијае на сите останати цени, бидејќи е инпут во толку многу работи, производство на било кој производ или услуга, транспорт и така натаму, автоматски ги покачува цените на сите производи и речиси на сите услуги. Тоа значи дека цените ќе растат, а платите не растат…“, порача Ванчо Узунов.
Според Узунов Владата мора да интервенира веднаш со намалување на акцизата за горивата и ДДВ-то за увоз на енергенси, а ако нема ефекти и со ограничување на маржите на малопродажните цени и интервенција со нафтени резерви. Очекува нафтениот шок да се прелее и врз останатите цени меѓу кои и на храната и вели ќе треба да се преземат мерки со ограничувања на маржи и цени и во тој дел.
„Вероватно ќе го ублажат до одреден степен, но битно е да се реагира сега за да не стане ова хаос на пазарот, па после ова да не може ни со нормални мерки да се решава проблемот, па да треба да имаме драстични мерки на рестрикции, на рестриктивна политика и монетарна и секаква, што ќе не кошта многу повеќе…“, вели Ванчо Узунов.
Дека состојбата е алармантна и дека ако продолжи поскапувањето на горивата, ќе има поскапувања на сите продукти потврди и бизнисот. Ромео Костадинов, заменик претседател на Сојузот на стопански комори во емисијата Бизнис 21 кажа дека стопанството после две кризи уште не е застанато на нозе за да може да амортизира нов шок.
„Сега за сега нема интенција на покачување, сега за сега затоа што стопанските субјекти се уште можат да се носат со ова на краток рок“, вели Ромео Костадинов.
-доколку во понеделник повторно се покачи цената, тогаш?
Костадинов: Тогаш веќе имаме уште недела дена која што е неизвесна пред нас и веќе после таа недела очекувајте дека ќе мора цените да се покачуваат на одредените продукти.
Благица Петрески од Finance Think, во Бизнис 21 кажа дека нивното истражување покажало дека ако тензиите на Блискиот исток завршат брзо, ефектот од покачувањето на цените на нафтата врз општото ценовно ниво кај нас ќе е умерен. Ефектите ќе бидат поголеми ако кризата потрае. Но, предупреди и дека просторот за делување на државата е ограничен и нема простор за великодушни мерки како претходно, пакети за помош на стопанството и граѓаните.
