Експлозија се случила во деловен центар во Баку утрово околу 9:00 часот по локално време, при што се повредени седум лица, соопшти азербејџанското Министерство за внатрешни работи.
Клиничкиот болнички центар во Баку објави дека пет повредени лица се хоспитализирани со тешки и умерено тешки повреди здобиени во експлозијата, објави азербејџанската новинска агенција АПА.
Меѓу повредените кои се на болничко лекување, на еден маж му се дијагностицирани изгореници, додека друг маж и три жени се згрижени поради повеќекратни повреди на различни делови од телото.
Експлозијата се случила во една од канцелариите во бизнис центар во населбата Нариманов во Баку , а местото на настанот го обезбедуваат полициски службеници.
