Од експлозијата на улицата „Крал Петар“ на северот на Митровица, според косовската полиција, оштетени се автомобил и електричен столб каде биле поставени неколку камери. Шефот на кабинетот на Претседателката на Косово, Вјоса Османи, Блерим Вела рече дека нападот е реакција против акцијата за отстранување на нелегалните камери.
„Уште еден криминален напад во Северна Митровица. Криминалните и илегалните структури финансирани од Србија спречуваат владеење на законот на северот на Косово. Изгледа ова е реакција кон акцијата на косовските институции за отстранување на нелегалните камери поставени од Србија“, вели Блерим Бела.
Според познавачот на безбедносни прашања, Авни Ислами, ваквите напади се оркестрирани од српската влада, но како што истакнува, тие не можат да ја загрозат безбедноста на северот на Косово.
„Во екот на провокациите кои доаѓаат од националистичката влада на Вучиќ, дури и синоќешниот случај каде беше поставена бомба во близина на полициската станица каде имаше штети, е лоша порака од владата и српските структури и криминални групи дека не се заинтересирани Српскиот народ да живее во мир и хармонија. Овој притисок доаѓа од владата на Белград бидејќи се разочарани од нацртот на Асоцијацијата кој е во спротивност со Уставот. …и покрај овие инциденти и провокации на владата во Белград, мислам дека тие не можат да ја загрозат општата безбедност на Косово, а особено безбедноста на косовските Срби“, порача Авни Ислами.
Косовската полиција експлозијата ја третира како „загрозување на општата безбедност“.
