Експлозија во руска фабрика – 11 лица загинаа, 130 се повредени

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Во голема експлозија во фабрика во рускиот регион Рјазан загинаа 11 лица, а 130 се повредени, соопшти руското Министерство за вонредни ситуации во соопштението на Телеграм.

Министерството соопшти дека спасувачите сè уште пребаруваат низ урнатините на местото на несреќата, околу 320 километри југоисточно од Москва.

Гувернерот на регионот Рјазан, Павел Малков, во петокот изјави дека несреќата е предизвикана од пожар што избувнал во работилница во фабриката.

Причината за пожарот не е прецизирана и не е познато точно што се произведувало во фабриката. Украинските беспилотни летала претходно ја таргетирале воената и економската инфраструктура во регионот Рјазан – во јануари, беспилотни летала погодија голема рафинерија за нафта и електрана.

Некои руски медиуми објавија дека експлозијата е предизвикана од експлозија на барут.