Емоционален настап пред медиумите – Зеколи-Шакири бара правда за својот починат сопруг

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Со солзи во очите, таа излезе пред медиумите за да го изрази својот револт.

Затворската казна од 7 месеци за лицето што ја предизвика несреќата во која загина велосипедистот Арбер Шакири, за неговата сопруга Калтрина Зеколли-Шакири не е доволна. Таа бара правда и повисока казна, бидејќи, како што вели, оваа казна е минимална.

„И во најтешкиот момент, кога беше објавена пресудата и болката повторно ме совлада, судијката Драгана Исаковска ми го крена гласот. Му се обрати со покачен тон на жена која изгубила сè, само затоа што реагирав човечки. Во тој миг не зборував како професионалка, туку како мајка и скршена сопруга. Ми излезе од душа една реченица. Посакувам никогаш да не доживеете таква болка. Денес стојам пред вас со врзани раце, законот не ми дава право на жалба, но Прокуратурата го има тоа право, и денес јавно ѝ се обраќам. Барам жалба на пресудата, барам праведна одлука“, изјави Калтрина Зеколи-Шакири.

Зеколи-Шакири смета дека процесот се одолговлекува три години и објаснува дека сега започнала првата фаза. Таа бара од Обвинителството да ја обжали одлуката, бидејќи, како што вели, таа самата нема право на жалба.

„Според службена должност, мислам дека пресудата одамна требаше да биде изречена, а ние сѐ уште сме во судски процес и сега чекаме од Прокуратурата да поднесе жалба на одлуката што ја донесе Основниот суд од прв степен“, изјави Калтрина Зеколи-Шакири.

ТВ21 испрати прашање до Основното јавно обвинителство дали ќе се земе предвид горенаведеното барање и дали ќе ја оспорат пресудата на Судот, но засега нема одговор.

Инаку, трагичната несреќа се случила во ноември 2022 година, кога автомобил марка „Мазда“ со скопски регистарски таблички, управуван од тогаш 63-годишно лице, удрил во група велосипедисти. Како последица на несреќата, на местото починал велосипедистот Арбер Шакири, а неколку други велосипедисти биле повредени.