„Енерџи Лукс“ со демант: Проектот кај Блатец е законски и транспарентен

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Компанијата ДПТУ Енерџи Лукс испрати демант до медиумите во врска со, како што наведуваат, неточни и тенденциозни информации поврзани со проектот за изградба на мала хидроцентрала кај селото Блатец. Од компанијата тврдат дека проектот се реализира врз основа на важечка концесија и соодветна документација издадена од надлежните институции на Република Северна Македонија, како и дека сите постапки се водат во рамки на законските процедури и еколошките стандарди.

Во демантот се наведува дека неодамна, при пристап до локацијата, нивен тим бил изложен на вербални закани, блокади и агресивно однесување од група лица, по што интервенирала полицијата. Од компанијата оценуваат дека ваквите постапки создаваат непотребна тензија и не придонесуваат кон решение.

Во однос на изнесените информации во јавноста, од „Енерџи Лукс“ појаснуваат дека цевководот нема да биде долг 3–4 километри, туку 1,9 километри, согласно проектната документација и издадените одобренија.

Компанијата ги отфрла и наводите за уништување на биодиверзитетот. Според нив, по течението на реката постојат 5–6 долови и природни дотекувања кои го одржуваат природниот проток на водата и не се опфатени со цевководот. Дополнително, посочуваат дека локалното население користи отворен извор за вода за пиење и дека како инвеститор се обврзале да обезбедат непречен пристап до вода пред зафатот, со што, како што велат, водоснабдувањето нема да биде загрозено.

Во врска со каналот „Јагодици“, од компанијата демантираат дека поради турбината нема да може да се зафаќа вода за наводнување. Според појаснувањето, испустот од турбината е позициониран 20–30 метри над левиот канал за наводнување, а проектот бил дополнително прилагоден за да се зачуваат потребите на мештаните. Поради овие прилагодувања, инсталираната моќност е намалена од првично планираните 860 kW на 606 kW.

Од „Енерџи Лукс“ нагласуваат дека не се против локалното население, ниту против заштитата на животната средина и дијалогот, но се против насилство и закани, како и спречување на, како што наведуваат, законски дозволени активности.

Воедно, упатија апел јавната дебата да се води институционално, врз основа на факти и стручни анализи, и го повикаа градоначалникот да се воздржи од, како што велат, неточни или избрзани изјави. Компанијата изразува подготвеност за транспарентен разговор со сите засегнати страни и дополнителни појаснувања околу влијанието на проектот врз водоснабдувањето и животната средина.