Епидемија на ебола во Конго, повеќе од 118 починати

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Епидемијата на ебола во Демократска Република Конго уби најмалку 118 лица, а зарази повеќе од 390, соопштија локалните власти. Портпарол на конгоанската влада потврди дека епидемијата се шири во нови области.

Во соседна Уганда, според податоците од американските Центри за контрола и превенција на болести (CDC), има два потврдени случаи и еден смртен случај. Светската здравствена организација (СЗО) ја прогласи оваа епидемија, предизвикана од сојот Бундибугјо на вирусот ебола, за криза на јавното здравје од меѓународно значење, пишува Би-Би-Си.

Како што се шири смртоносната епидемија, конгоанската влада се обидува да ја смири јавноста, нагласувајќи дека нејзините тимови работат напорно на следење и истрага на сомнителните случаи и дека нема причина за паника. Сепак, загриженоста расте бидејќи се потврдени нови случаи во области како што се Њакунд во покраината Итури, Бутемба во Северен Киву и градот Гома.

Меѓу заразените е и американски лекар кој работи во ДР Конго, што е потврдено од Центарот за контрола и превенција на болести (ЦДЦ) и медицинската мисионерска организација за која работел. Тој ќе биде префрлен во Германија на лекување, објави CBS News, американскиот партнер на BBC.

Иако ЦДЦ не го објави идентитетот на заразеното лице, медицинската мисионерска организација „Серж“ потврди дека нивниот лекар, Питер Стафорд, е позитивен на тестот за ебола. Неговата сопруга, д-р Ребека Стафорд, и уште еден колега биле изложени на вирусот додека лекувале пациенти, но немаат симптоми и се во карантин, соопшти организацијата.

Според извори на CBS News, најмалку шест американски државјани биле изложени на вирусот ебола во Демократска Република Конго. ЦДЦ соопшти дека ја поддржува „безбедната евакуација на малиот број Американци кои биле директно погодени“, но не прецизираше колкумина.