Епидемиолошката состојба со Ковид-19 во Дебарско стабилна

НАЈНОВИ ВЕСТИ

 Епидемиолошката состојба во општините Дебар и Центар Жупа може да се оцени како стабилна, што го потврдува и податокот дека последните два случаи кај кои е потврден опасниот вирус се регистрирани на 19 октомври, изјави за МИА, Баки Алили, директор на дебарската болница со проширена дејност.

-Во последните пет дена нема лица кои се јавиле во Ковид центарот со симптоми карактеристични на овој вирус. Во центарот исто така од 19 минатиот месец, кога испишавме тројца пациенти, немаме хоспитализирани лица, додаде Алили.

Минатиот месец во двете општини, кои со здравствена заштита ги покрива оваа здравствена установа, регистрирани се само четири новозаразени, во списокот на оздравени се внесени 67, а починале три лица, како последица од компликации на ковид инфекција.

Во август и септември регистрирани беа 357 односно 112 новозаразени, закрепнале 143 односно 220, додека починале 16 во август и 11 во септември.Од почетокот на пандемијата, кога ова подрачје беше прво жариште на болеста, досега, вкупниот број заразени е 1.453 а битката со опасниот вирус ја загубиле осумдесеттина лица.