Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган изјави дека Турција е подготвена да биде домаќин на самит меѓу Русија и САД, истакнувајќи дека Истанбул веќе ја потврди својата улога како место за дипломатски иницијативи насочени кон мир во Украина.
„Важноста на Турција и Истанбул во мирната визија за решение во Украина повторно стана јасна. Подготвени сме да организираме преговори во секое време. Штета што средбата во Будимпешта не се одржа“, изјави Ердоган за новинарите по враќањето од турнејата низ земјите од Персискиот Залив.
Тој нагласи дека секој дијалог може да придонесе за прекин на конфликтот во Украина и потсети дека Турција инсистира на потребата од праведен и траен мир уште од самиот почеток.
„Од самиот почеток се залагавме за мир, работевме кон него и ја истакнувавме можноста за праведно решение. Имаме добри односи со двете страни и ја стекнавме довербата и на Москва и на Вашингтон. Ова ни дава предност на патот кон мирот и ние сме решени да ја искористиме оваа позиција во корист на човештвото“, нагласи турскиот лидер.
Ердоган потсети дека преговорите меѓу руската и украинската делегација во Истанбул во 2022 година ги донесоа првите конкретни резултати во врска со договорот за извоз на жито преку Црното Море, што, како што рече, е доказ дека Турција повторно може да игра клучна улога во процесот на стабилизација.
