Ердоган: Турција е подготвена да пружи поддршка во преговорите меѓу Русија и Украина

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Турскиот претседател Реџеп Таип Ердоган денес изјави дека Турција е подготвена да ја обезбеди потребната поддршка во секоја фаза од преговорите меѓу Украина и Русија.

„Волјата на Русија и Украина да продолжат со директните преговори е исклучително важна и Турција е подготвена да ја обезбеди потребната поддршка во секоја фаза од процесот“, рече Ердоган за време на телефонскиот разговор со украинскиот претседател Володимир Зеленски , соопшти кабинетот на Ердоган, објави Анадолија.

Се наведува дека за време на разговорот биле разгледани билатералните односи меѓу Турција и Украина, регионални и глобални прашања.

Ердоган изрази задоволство што Турција ќе биде домаќин на руската и украинската делегација и додаде дека сеопфатното прекинување на огнот ќе ја обезбеди потребната средина за почеток на мировните преговори.

Зеленски му се заблагодари на турскиот претседател за неговата поддршка и „подготвеноста за промовирање на дипломатијата на највисоко ниво“.