Тензиите на Блискиот Исток дополнително се заострија откако американските сили, според извештаите, тринаесетта ноќ по ред извршиле напади врз цели во Иран, а Техеран возвратил со удари врз американски објекти во Кувајт и Јордан.
Во екот на конфликтот, началникот на Здружениот воен штаб на Иран најави жестока одмазда. Командантот на Централниот штаб „Хатам ал-Анбија“, генерал-мајор Абдолахи, изјави дека „за секој загинат ирански маченик, еден американски војник ќе биде испратен во пеколот“, пренесе иранската телевизија Press TV. Тој упати и директна порака до САД, велејќи дека за американските сили се „подготвени бесплатни и директни карти за пеколот“.
Во меѓувреме, американските амбасади во регионот издадоа безбедносни предупредувања до своите државјани поради влошената безбедносна состојба.
Амбасадата на САД во Аман ги повика американските граѓани повторно да ја разгледаат потребата од патување на Блискиот Исток и да преземат дополнителни мерки на претпазливост. Во соопштението објавено на платформата X се наведува дека американските дипломатски претставништва, како во регионот така и надвор од него, би можеле да бидат потенцијални цели на Иран и на групите што ги поддржува.
Слично предупредување издаде и американската амбасада во Ерусалим, која им препорача на своите државјани да бидат особено внимателни, да избегнуваат да привлекуваат внимание и да се подготват за можни нарушувања во воздушниот сообраќај, вклучително и откажувања на летови и затворање на воздушниот простор.
Американските власти исто така ги советуваа своите државјани во Израел да користат апликации за следење на ракетни и беспилотни напади, додека на оние во Јордан им препорачаа да ги избегнуваат американските воени бази и строго да ги следат упатствата на локалните власти.
