Зулфи Адили не може да биде избран за член на ДИК бидејќи е предложен од новоформираната партија, вели Орхан Муртезани од ЕСП. Според него, членот во ДИК им припаѓа на партиите кои учествуваа на последните парламентарни избори.
„Како прво, Зулфи Адили не може да биде избран бидејќи е член на новоформирана политичка партија. Нашите пратеници вчера излегоа од Комисијата за да спречат прекршување на законот. Законот е јасен, опозицијата се дефинира на последните парламентарни избори. Не може некој кој пред два месеци формирал партија да се декларира како опозиција“, вели Орхан Муртезани.
Муртезани вели дека ги известиле сите меѓународни фактори во земјава дека се при крај демократските средства за спречување на местење на мајските избори.
А кога сме кај изборите, Муртезани најави дека почнале да размислуваат за одреден број кандидати за претседател. Нивната тенденција, како што вели, е да излезат со непартиски кандидат, со цел да го поддржат дури и неопределените гласачи и оние кои досега воопшто не гласале.
„Засега се разговара со одреден број на кандидати, но се уште не сме донеле конечна одлука за да го објавиме. Има потенцијални кандидати но нашата тенденција е да биде непартиски кандидат кој ќе биде прифатлив за сите и кој може да влијае и врз неопределените гласачи и врз тие кои досега воопшто не гласале“, вели Орхан Муртезани.
ЕСП уште еднаш упати повик до АА дека е крајно време да одлучат дали ќе и се приклучат на опозицијата или на ДУИ.
