Доколку некоја албанска партија предложи свој кандидат за претседател, тоа би било отворена услуга за ВМРО-ДПМНЕ, изјави во емисијата „10 минути“ потпретседателот на ДУИ, Арбр Адеми, појаснувајќи дека кандидат Албанец без поддршка од македонска партија, не може да победи на претседателските избори.
„Доколку албанските политички партии излезат со свој кандидат, тоа е отворена услуга за ВМРО-ДПМНЕ, поради тоа што го лишуваат албанскиот електорат да гласа за проевропска опција. Би се гласало за кандидат за кој би гласале одреден број граѓани, при што се оневозможува да имаме победа на претседателски кандидат во првиот круг доколку се постигнува цензусот предвиден со Устав.“, изјави Адеми.
Фадил Зендели од ЕСП ваквата изјава ја оцени како предрасуда.
„Политичките партии ги имаат направено своите калкулации, програми и политички објективи кои сакаат да ги спроведат и врз основа на тоа се носи одлука. Ние како коалиција и претходно сме кажале дека сериозно размислуваме да имаме кандидат за претседателските избори но за тоа прашање ќе одлучат партиските органи, не е прашање со кое јас можам да изјавам нешто повеќе.“, вели Зендели.
ЕСП е составена од три албански опозициски партии, Демократско движење, Движење Беса и Алтернатива и тие веќе најавија дека можно е да излезат со кандидат Албанец за Претседател на државата. АА не ја исклучи можноста да го поддржи кандидатот на албанската опозиција. Од ДУИ со став дека ќе поддржат консензуален кандидат.
