Естонија за време на викендот привремено ќе го затвори својот контролен пункт со Русија во Нарва, јави ДПА.
Полицијата и граничните служби се залагаат за затворање на граничниот пункт со образложение дека граничните проверки на руска страна значително доцнат.
Поради тоа, луѓето кои сакаа да ја поминат границата мораа да чекаат со часови завчера и вчера за да бидат пропуштени.
Останатите контролни пунктови нема да бидат затворени, а влезот во Естонија од Русија ќе остане можен, соопшти ДПА.
Според естонските власти, за прв пат се формирале долги редици од другата страна на граничниот премин Нарва-Ивангород. Снимките на интернет покажаа стотици луѓе, некои со багаж, кои чекаат на границата. Градската управа на Нарва постави мобилни тоалети и организираше дистрибуција на вода за оние кои чекаат.
Естонскиот министер за внатрешни работи Лаури Ланеметс изјави дека нема информации зошто руските граничари работат толку бавно.
