Еврокомесарката за проширување на Европската Унија, Марта Кос, за време на посетата на Приштина ги повика политичките партии во Косово да најдат заеднички јазик за да се стави крај на долготрајниот институционален ќорсокак и да се формираат стабилни институции, со цел земјата да продолжи кон европската интеграција.
Кос, која престојува во прва посета на Косово по преземањето на функцијата во 2024 година, во петокот беше пречекана од вршителката на должноста претседател Албулена Хаџиу, а потоа се сретна и со премиерот во технички мандат Албин Курти.
Говорејќи на заедничка прес-конференција со Курти, Кос изјави дека „нема безбедност во Европа без Косово“.
Сепак, таа нагласи дека Косово, кое сè уште нема статус на земја-кандидат за членство во ЕУ, мора што поскоро да добие стабилни и функционални институции.
„Мојата јасна порака при оваа посета е сите политички актери да најдат начин за враќање на институционалната стабилност“, изјави Кос.
Нејзината посета доаѓа во период кога земјата има техничка влада и се подготвува за предвремени парламентарни избори закажани за 7 јуни.
Ова се трети последователни избори по оние во февруари и декември 2025 година, кои ги забавија клучните реформи и создадоа дополнителни финансиски трошоци за државниот буџет.
Кос оцени дека многу реформи останале во застој поради честите избори и дека Косово мора да го надомести изгубеното време од 2025 година.
„Важно е, откако ќе се формира новото Собрание, политичките лидери во Косово да се обединат и да ги формираат сите институции, вклучително и изборот на нов претседател преку компромис, и да му стават крај на овој долг институционален ќорсокак“, рече таа.
„Косово има голема европска перспектива. И лично сум подготвена да го зголемам интензитетот на работата со Косово штом ќе се формираат новите институции“, додаде Кос.
Од своја страна, Курти изјави дека состанокот бил „продуктивен и директен“.
Тој рече дека на средбата го отворил прашањето за добивање кандидатски статус за Косово и почеток на преговорите со Европската Унија.
„Поминаа повеќе од 40 месеци откако аплициравме и обновениот моментум на проширување на Европската Унија треба да се одрази со заслужен напредок за Косово. Поддршката за членство во ЕУ кај нашите граѓани постојано е околу 90 проценти и е меѓу највисоките од сите земји-кандидати“, изјави Курти.
Тој додаде дека Косово работи со земјите-членки, но побара од ЕУ да помогне за создавање единство во рамки на Унијата околу косовското прашање.
„Проширувањето е најуспешната алатка на надворешната политика на Европската Унија. Празнината што ја остава ЕУ се обидуваат да ја пополнат други злонамерни актери, кои ги поткопуваат европските вредности и ја загрозуваат нашата заедничка безбедност. Затоа е одговорност на сите нас Косово да напредува во процесот на интеграција“, рече Курти.
Косово поднесе барање за членство во Европската Унија на 15 декември 2022 година, но неговата апликација сè уште не е разгледана, поради што останува единствената земја на Балканот без кандидатски статус.
Една од главните пречки за напредокот на Косово кон ЕУ е тоа што пет земји-членки – Грција, Шпанија, Романија, Словачка и Кипар – сè уште не ја признаваат неговата независност.
Ова е прва посета на Кос во Косово откако стапи на должност во Европската комисија на 1 декември 2024 година. Во меѓувреме, таа ги посети сите други држави вклучени во процесот на проширување на ЕУ, како во Западен Балкан, така и во Источното партнерство.
Во текот на 2025 година, европските претставници ја оправдуваа нејзината непосета на Косово со недостигот на функционални институции поради политичката криза во земјата.
Посета на Кос во Приштина првично беше планирана за 12 март, но беше откажана откако поранешната претседателка Вјоса Османи на 6 март донесе одлука за распуштање на Собранието на Косово.
Сепак, минатата недела извори од Брисел изјавија за Радио Слободна Европа дека посетата треба да се реализира без оглед на политичката состојба, бидејќи не се очекуваат брзи промени во краток рок.
