Европската Унија одлучи да ги укине сите економски санкции против Сирија, соопшти високата претставничка за надворешна и безбедносна политика Каја Калас.
„Сакаме да му помогнеме на сирискиот народ да изгради нова, инклузивна и мирна Сирија. Европската Унија отсекогаш стоела покрај Сиријците во текот на изминатите 14 години и ќе продолжиме да го правиме тоа“, рече Калас.
Одлуката за укинување на санкциите беше договорена на состанок на амбасадорите на земјите-членки, а беше потврдена и од министрите за надворешни работи кои се состанаа во Брисел во вторник. Минатата недела, САД, исто така, ги укинаа санкциите.
ЕУ воведе санкции против режимот на соборениот претседател Башар ал-Асад. Тие главно се однесуваат на санкциите против сирискиот банкарски систем и забраната за продажба на оружје за кое се претпоставуваше дека Асад може да го употреби против цивилното население.
