Институциите ширум светот, но и во земјата не го сфатија сериозно вирусот „Ковид-19“, вели доктор Беким Татеши во ЕУ КЛИК. Татеши ги поздрави мерките на Владата за соочување со „Ковид 19“, но додава дека тие се малку задоцнети и дека треба да бидат поригорозни.
„Како Државниот здравствен инспекторат дозволи луѓето кои доаѓаат од жариштата на заразата, од Италија,да влегуваат во Македонија без контрола од аспект на тоа дека не пополниле формулари и замислете тие потоа отишле во своите населени места.“, вели Татеши.
И доктор Едмонд Вејсели, тврди дека мерките треба да бидат уште поригорозни.
„За мерките – многу добро што се преземени тие мерки, јас би додал дека овие мерки треба да се зголемат, со намалување на движењето на населението посебно во поголемите населени места. “, рече Вејсели.
Но заменик министерот за здравство, Арменд Арслани, рече дека државата ги преземала потребните мерки во потребно време.
„Постојано се држат состаноци во Комисијата за заразни болести со најеминентните експерти од земјата и постојано се преземат меки во чекор со времето почитувајќи го протоколот на СЗО. “, изјави Арслани.
Едмонд Вајсели, како доктор, се пожали дека здравствениот тим нема доволна заштитна опрема како што се маски и алкохол за дезинфекција. Арслани вели дека повеќе од 20,000 маски се на залиха и дека болниците имаат заштитни маски и резервен материјал.
Во текот на емисијата ЕУ КЛИК се зборуваше и за добивањето датум за почеток на преговорите со Европската унија. Вицепремиерот за европски прашања Бујар Османи го смета настанот историски.
„20 години чекање, уште од потпишување на Спогодбата за стабилизација и асоцијација, 15 години со статус кандидат, 11 одбивања на препораките на Европската комисија, токму на овој Совет, кој денеска по 11 одбивања ја отвори вратата за старт на последното поглавје за пристапување во ЕУ.“, рече Османи.
Претставниците на Движењето Беса и Алијансата за Албанците, исто така го коментираа датумот за почеток на преговорите со Европската унија. Татеши и Вајсели оценија дека добивањето датум не е подарок, туку голема обврска и задача што мора да ја вршиме многу сериозно.
