ЕУ Клик: Патот кон Брисел – кои се задачите на новата Влада?

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Нова преговарачка рамка, нов состав на владата, стартот на пристапните преговори веројатно ќе бидат најголемиот предизвик во периодот што следува за Северна Македонија. Преговарачката рамка е подготвена и таа е доставена до структурите на сите земји членки на Европската унија. За да стартува процесот, сите земји мораат да дадат зелено светло за оваа рамка.

„Даден и е мандат на Европската комсиија да подготви преговарачка рамка. Преговарачката рамка ЕК веќе ја дефинираше. Беше објавено од страна на еврокомесарот Вархеји дека тој ја предаде на почетокот на јули го предаде нацртот на преговарачката рамка во рацете на Советот, или со други зборови, од ЕК преговарачката рамка влезе во структурите на земјите членки. Сега земјите членки се произнесуваат по содржината на самата преговарачка рамка“, истакна Драган Тилев.

Преговарачката рамка всушност ги утврдува критериумите под кои државата ќе биде примена во европското семејство. Воедно во овој документ ќе го има обемот и содржината на сето она за кое може се преговара, потоа постапката, како и одредени санкции или казни ако државата не преговара брзо и ефикасно, но и доколку има застој во владеењето на правото. Според новата преговарачка методологија, во преговарачката рамка ќе има и дел во кој што точно се објаснува дека може и да има назадување, односно реверзибилност.

„Ако се донесе одлука, односно се усвои преговарачката рамка до ноември, тогаш во декември би можеле да очекуваме да ја имаме првата меѓувладина конференција, со која што и официјално ќе ги започнеме пристапните преговори. Потоа ќе следуваат билатералните скрининзи“, додава Драган Тилев.

Како што вели Тилев, кој воедно е државен советник во Секретаријатот за европски прашања, најважни за нашата држава ќе биде коментарите на земјите членки, кои се наши соседи, но секако и делот на задачите кои ќе треба да ги исполниме, а на кои почива самото основање на Европската унија, како што е пред се владеење на правото.