Европската унија нема намера да го оживее увозот на руски енергетски производи дури и по потенцијалниот мировен договор меѓу Украина и Русија, изјави европскиот комесар за енергетика Ден Јоргенсен пред почетокот на неформалниот состанок на министрите за енергетика на ЕУ во Варшава.
„Повеќе нема да дозволиме енергијата да се користи како оружје против нас. Нема индиректно да ги полниме воените каси на (рускиот претседател Владимир) Путин. Донесовме одлука да го прекинеме увозот на руска енергија“, рече Јоргенсен, нагласувајќи дека ова е клучно за безбедноста и солидарноста на Европа со Украина.
Тој нагласи дека одлуката на ЕУ не зависи од тековните меѓународни преговори за прекин на војната во Украина и дека ќе остане на сила дури и по воспоставувањето мир, пренесува Ројтерс.
