ЕУ одобри заем на Украина од 35 милијарди евра

НАЈНОВИ ВЕСТИ

Европскиот парламент денеска и одобри заем на Украина во износ од 35 милијарди евра, кој ќе се враќа со идните приходи од замрзнати руски средства. Средствата ќе бидат исплатени до крајот на 2025 година.

За новата макрофинансиска помош за Украина гласаа 518 пратеници, против беа 56, а воздржани 61, се наведува во соопштението на Европскиот парламент.

Заемот е дел од пакетот договорен во јуни од страна на Групата седум најразвиени земји (Г7) за обезбедување финансиска помош за Украина во вкупна вредност од 45 милијарди евра.

Во соопштението на ЕП се наведува дека делот од помошта што ќе ја даде ЕУ би можел да биде помал во зависност од износот на заемите што ќе ги дадат другите партнери од Г7.

Новоформираниот механизам за кредитна соработка на Украина ќе и овозможи на земјата да ги користи идните приходи од замрзнатите средства на руската централна банка лоцирани во ЕУ за да ги отплати тие заеми.

Новите средства за макрофинансиска помош ќе бидат исплатени до крајот на 2025 година, а Киев може да ги користи средствата „по сопствена потреба“.

Претседателот на Украина, Володимир Зеленски, претходно изјави дека приоритети во користењето на помошта ќе бидат реконструкција на енергетската мрежа, изградба на повеќе засолништа, подобрување на училиштата и набавка на оружје.

Набргу по руската инвазија, Г7 замрзна околу 300 милијарди долари руски имот и вети дека ќе ги искористи тие средства за да и помогне на Украина. Повеќе од две третини од овие средства, околу 210 милијарди евра, се наоѓаат во ЕУ.

„Заемот е условен со континуираната посветеност на Украина за зачувување на ефективни демократски механизми, почитување на човековите права и другите политички услови кои ќе бидат утврдени во меморандумот за разбирање“, се вели во соопштението на ЕП.