Во Букурешт главна тема е фудбалот. Во главниот град на Романија слета и македонската фудбалска репрезентација.
-Македонската фудбалска репрезентација в недела вечер на овој стадион зад мене во Букурешт ќе го одигра првиот историски меч на Европското првенство 2020. В недела Македонија ќе се соочи со Австрија во рамките на групата Ц-јавува репортерот на ТВ21 од Букурешт.
Нашите репрезентативци се подготвени да излезат на терен. Сите велат дека ќе го дадат максимумот за да покажат дека тука не се случајно.
-Јас мислам дека имаме три тешки меча, и ниту еден не треба да се занемари. Македонија е тука поради големата волја и амбиција за да го даде максимумот на секој натпревар. Личните работи, дали ќе имам можност да бидам изведувач или не во продолжение, не ме преокупираат многу, бидејќи за тоа одлучува тренерот. Јас најмногу сум среќен што сум дел од оваа група и овој успех. Се надевам дека ќе бидеме во здравје и да го дадеме максимумот на зелениот терен-вели Енис Барди.
Мечот Македонија-Австрија се игра утре во 18:00 часот.
На стадионот Национална арена Букурешт, дозволено е присуство на навивачи само 33% од вкупниот капацитет поради анти-ковид мерките.
